Инвестиции

Од стартувањето со работа во декември 2018 година, заклучно со крајот на 2020 година, се реализираа два инвестициски циклуси, низ кои во конкуренција на повеќе од 100 апликанти, преку две пред-акцелераторски програми се менторираа 25 стартап тимови.

Од нив, на двата Демо Денови, се презентираа 17 бизнис идеи пред Комитетот за одобрување инвестици и целната јавност.

Крајно, согласно претходно утврдените критериуми, членовите на Комитетот преку детална длабинска анализа на сите бизнис – идеи, донесоа одлука за инвестирање во два најатрактивни стартапи, за кои се процени дека имаат огромен потенцијал за брз раст на глобално ниво.

На тој начин, X Фактор Акцелератор се идвои како прв, од трите акцелератори поддржани од ФИТР преку Светска банка, кој објави две инвестици во износ од 200.000 евра, во стартап-тимовите на Матриошка и Vision Dynamix.

Матриошка претставува стартап компанија со визија и мисија да развива прехрамбени технолошки процеси и со нивна примена да создава иновативни производи во прехрамбената индустрија.

Во моментот, тимот на Матриошка преку два иновативни технолошки процеси има креирано два уникатни производи во светски рамки и тоа:

  • Сладолед од вино со варијација од 5% до 13.5% вински алкохол (по желба, во чашка од 150 мл.), што има еквивалентен ефект на конзумирање една чаша вино и
  • Природен адитив од комиње, како финален производ или суровина за разни други производи во прехрамбената индустрија.
  • Уникатноста на сладоледот од вино како производ е што ги комбинира и двата технолошки процеси. Имено, со додавање на адитивот како засладувач, сладоледот се збогатува со антиоксиданси, при што се добива природна боја и зголемен рок на траење, што крајно доведува до 40% пониски калории од обичниот сладолед, претставувајќи револуционерна идеја во двете индустрии.

    Со овој уникатен производ, за кој во моментот и не постои директна конкуренција на глобалниот пазар, ќе се развие нова ситуација на конзумирање на виното, но ќе се наруши и традиционалната индустрија на сладолед. Според предвидувањата на ЕУРОСТАТ, двете индустрии ќе растат со експоненцијална крива до 2025 година.

    Vision Dynamix e формирана како спин – оф компанија на ФЕИТ – Скопје, при што нивниот производ е конкурентен и во споредба со оние кои се развиваат од страна на директните светски конкуренти од Силиконската долина.

    Станува збор за софтверска платформа (Dynamix Mapper) која создава 3Д мапи со голема прецизност, користејќи state of the art алгоритам за симултана локализација и мапирање (SLAM), спротивно на постоечките и застарени фотограметриски техники. Покрај прецизноста, уникатната конкурентска предност на ова иновативно решение произлегува пред сѐ од брзината, со оглед на фактот што целиот систем е за 40 пати побрз од конкурентските.

    Платформата може да се користи во индустрии за кои е потребно 3D мапирање, како геодезијата и градежната индустрија, при што во кастомизирана варијаната веќе почнаа да го употребуваат домашни геодетски компании. Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е за реална 3Д реконструкција на сообраќајни несреќи, со сите просторни димензии на местото на настанот. Сепак, најголемиот потенцијал на производот произлегува од фактот што и возилата со автономна навигација имаат потреба од овие решенија, за да можат во реално време и динамичка состојба да создаваат слика во 3Д формат за околината во која се движат.

    Развојот на софтверот е во напредна фаза, веќе се користи од страна на првите клиенти, а паралелно со неговото доусовршување, се интензивира и имплементацијата на соодветна маркетиншка стратегија за влез и комерцијализација на глобалниот пазар.