Четврта инвестиција на Х Фактор Акцелератор – Концептива, иновативна пратформа за обука – COACH!

Coach е првата HRTech/EdTech платформа на тимот на Концептива Дигитал – македонски стартап кој има визија да го револуционизира пристапот кон учењето со помош на најновите технологии.

Идејата за иновацијата доаѓа од реални проблеми идентификувани од страна на тимот низ повеќегодишната работа на проекти за големи мултинационални компании меѓу кои Maserati, Mercedes, Aston Harald и други. Фирмите вложуваат многу средства и време во обуки на своите вработени, но 70% од наученото се заборава за само две недели без свесност за тоа, сè додека не се направи тестирање. Или, 70% од ресурсите за тренинзи се непродуктивно потрошени средства, доколку не се направи напор стекнатите знаења да се зачуваат!    

Всушност, клучниот проблем е што за повеќето вработени, процесот на обука за некоја материја е еднократен. Тие го поминуваат материјалот на семинар или преку e-learning курс, прават некаков вид тестирање – и тука е крајот. Бидејќи никој подоцна не знае колку од наученото останало во меморијата на вработените, се јавуваат празнини во знаењата кои ги намалуваат перформансите на компаниите во сите сегменти.

Токму за решавање на овие проблеми се грижи платформата Coach. Овозможува тренинзите наместо еднократни настани, да прераснат во континуиран процес на повторување и подобрување. И тоа, преку сет од интерактивно – забавни игри спакувани во мобилна апликација. Со тоа, наместо да претставува обврска и товар, процесот на учење за вработените станува атрактивен и забавен, што значително го зголемува степенот на нивно задоволство и лојалност кон фирмата.

https://getcoach.app/

Индивидуалниот пристап е една од најуникатните конкурентски предности на Coach. Алгоритамот за персонализација на прашања во игрите му овозможува на секој вработен да ги открие и подобри сопствените слаби страни, за што преку посебен администрациски панел, детален увид има и менаџментот. 

Интуитивниот администрациски панел им овозможува на професионалците за човечки ресурси многу лесно да менаџираат со содржините во апликацијата, при што алатките за автоматизирано креирање прашања го забрзуваат процесот на подготвување тренинг материјали за повеќе од 10 пати!

Coach платформата го гарантира задржувањето на знаењата со помош на научно докажани методологии за учење – адаптивно учење (adaptive learning) и повторување на интервали (spaced repetition), водејќи се од последните истражувања во светски рамки кои покажуваат дека учењето е многу поефективно во континуирани, кратки и експлозивни интервали, отколку само еднократно, низ долги часови минати во обуки и тренинзи.

Coach платформата има широка примена. Атрактивноста драматично се зголеми со забрзаната дигитализација на сите бизнис процеси во фирмите поттикната од здравствената криза. Идеална е за компании со повеќе од 100 вработени кои делуваат во: автомобилската индустрија, малопродажниот сектор, телокомуникацискиот, банкарскиот, осигурителниот бизнис и други услужни дејности, каде од исклучителна важност за успехот во работењето е односот спрема клиентите. 

Токму од овие причини, особено значајна е примената на Coach за континуиран тренинг на тн. „вработени во првата линија на фронтот“, кои се во секојдневна и директна комуникација со потрошувачите како што се: продажните и „call center” агентите, комерцијалистите, шалтерските работници и др.. Тие, во секој момент мора добро да ја познаваат целокупната производна понуда (техничките спецификации, карактеристиките на продуктите и др.), конкурентските разлики и сите бизнис процеси, за преку поефективна продажна презентација и подобра услуга да го зголемат задоволството на клиентите, а со тоа да се подобрат продажните резултати и профитабилноста на фирмата.

Во моментов, продуктот е во фаза на тестирање преку неколку пилот проекти со домашни компании, а тимот е веќе во преговори со потенцијални клиенти од САД, Велика Британија, Белгија и др. Комбинацијата на одбраните методологии и технолошките иновации на Coach го привлекоа вниманието и на академската заедница, па тимот ја имаше честа да одржи гостинско предавање за Coach на државниот универзитет во Сан Диего (SDSU) по предметот „Нови технологии во сферата на учење и личен развој (Emerging technologies in Learning & Development)“.

Инвестицијата од 100.000 евра во иновативната платформа за обуки – Coach е четврта инвестиција на X Фактор Акцелератор. Претходно Х Фактор Акцелератор инвестираше во иновативниот производ – сладолед од вино (Wice), во софтверско решение за 3D мапирање во реално време – Vision Dynamix, и во Brummell – првото моторџиско сако.

Tags: No tags