КАЛИНА ТРАЈАНОСКА И АЛЕКСАНДАР АЦКОВСКИ: СО НАШАТА ПЛАТФОРМА COACH ЌЕ ГО РЕВОЛУЦИОНИЗИРАМЕ НАЧИНОТ НА ОБУКИ ВО КОМПАНИИТЕ

„Главниот проблем кој го решаваме е тоа што компаниите ги третираат обуките како еднократен настан и сметаат дека по завршената обука вработениот со добиеното знаење ќе располага засекогаш. Но, реалноста е сосема различна – нашиот мозок не е направен да запамети сè. Всушност, повеќе од 70% од новостекнатите знаења се забораваат по само 2 недели, што е огромна загуба за компаниите! Со Coach целиме да ги поправиме овие проблеми на тој начин што обуките ги третираме како континуиран процес на подобрување. Вработените добиваат пристап до нашата мобилна апликација каде преку интерактивни игри одговараат на прашања од нивните обуки со што се освежува и зацврстува нивното знаење.“

Концептива Дигитал – македонски стартап со визија да го револуционизира пристапот кон учењето со помош на најновите технологии, доби поддршка од 100.000 евра од велешкиот Х Фактор Акцелератор.
Со помош на инвестицијата тимот ќе ja пласира иновативната платформа за обука Coach на пазарот, ќе го зајакне маркетинг одделот со нови колеги и ќе ги засили продажбата и маркетинг активностите.
Главниот проблем кој служел како поттик е тоа што компаниите вложуваат многу средства и време во обуки на своите вработени, но 70% од наученото се заборава за само две недели. Се јавуваат празнини во знаењата кои ги намалуваат перформансите на компаниите во сите сегменти.
Со Калина Трајаноска и Александар Ацковски, ко – основачи на Концептива,  разговаравме за тоа како дошле до идејата за продуктот Coach, какви проблеми тој ќе решава за бизнис секторот и кои се плановите на стартапот за понатамошниот развој на платформата.

Интервјуто на Калина Трајаноска и Александар Ацковски, ко – основачи на Концептива за бизнис магазинот Капитал.

Малку бекграунд за стартапот: од кога постоите, какви се твоите и претходните искуства на соработниците, дали ова ви е прв продукт или имате и претходно обиди со некои апликации и сл.?

Калина: Како тим со Александар доаѓаме од Артистика – креативна дигитална агенција и прв претприемачки успех на мојот ко – основач. Повеќе од 6 години функциониравме во тандем – заедно осмислувавме и имплементиравме различни дигитални решенија (системи, веб и мобилни апликации) за интернационални клиенти и на тој начин развивме одлична синергија во размислувањата.

Приказната со Концептива и Coach ја започнавме пред 2 години. Александар (инаку архитект по образование) е мозокот зад корисничкото искуство, дизајнот и концептите за напредните функционалности на Coach, а јас сум техничкото лице – софтверски инженер по струка, го водам тимот кон остварување на визијата, како и комуникација на сите нивоа.

Александар: Во 15-те години функционирање на Артистика на домашниот и интернационалниот пазар се имаат појавено моменти кога потребите на повеќе клиенти конвергирале, се идентификувал проблем и со решението се создава можноста за градење на продукт. До сега имаме развиено неколку софтверски продукти, главно enterprise content management системи за различни потреби со кои успешно ги решивме проблемите на 50-тина клиенти. Но, во тоа време на овие простори не беше присутен концептот за водење на стартап со технологии како денешните. Решенијата не беа cloud базирани и се вршеа специфични имплементации за секој клиент посебно, продуктите немаа име, ниту пак брендинг, се наплаќаше еднократно, инвеститори беа непознат поим, и слично. Ова што го правиме сега е на сосема друго ниво.

Секако, присуството на свежата енергија на Калина, нејзината храброст и идеите за решенија на проблемите од една малку поинаква перспектива, ја направија можноста и решителноста за ваков чекор уште поголема.

Како дојдовте до идејата за Coach, што беше мотивот? Какви проблеми решава апликацијата?

Александар: Всушност, преку реализацијата на серија проекти за дигитализација на корпоративни обуки за интернационални компании преку Артистика, ги воочивме проблемите во индустријата – дека со моменталните практики на учење, многу брзо по обуките кај вработените се креираат празнини во знаењата, врз кои менаџментот нема никаков увид, а предизвикуваат сериозни проблеми за перформансите на компанијата во повеќе сегменти, особено во продажбата. Увидовме дека решенијата достапни на пазарот не се доволно ефикасни и тука се формираше идејата за Coach.

Coach e гемифицирана алатка за поефикасни корпоративни обуки. Луѓето со кои сме во комуникација често го разбираат Coach како “Duolingo за корпоративни обуки”.Главниот проблем кој го решаваме е тоа што компаниите ги третираат обуките како еднократен настан и сметаат дека по завршената обука вработениот со добиеното знаење ќе располага засекогаш.

Но, реалноста е сосема различна – нашиот мозок не е направен да запамети сè. Всушност, повеќе од 70% од новостекнатите знаења се забораваат по само 2 недели, што е огромна загуба за компаниите!Особено брзо избледнува знаењето околу техничките информации за продуктите, што предизвикува намалена продажба во различни индустрии – како consumer electronics или автомобилската индустрија.

Калина: Со Coach целиме да ги поправиме овие проблеми на тој начин што обуките ги третираме како континуиран процес на подобрување.

Вработените добиваат пристап до нашата мобилна апликација каде преку интерактивни игри одговараат на прашања од нивните обуки со што се освежува и зацврстува нивното знаење. Дополнително, нашиот алгоритам ги персонализира содржините според нивните празнини во знаењето и на тој начин секој вработен работи на своите слабости и се подобрува. Менаџментот конечно може да добие реална слика за моменталните знаења во својата организација преку деталните статистики во администрацискиот панел.

Кои беа најголемите предизвици  на патот на создавањето на продуктот, од вашето досегашно искуство? Дали недостиг на соодветна експертиза, технолошки алатки или нешто друго…

Александар: Земајќи предвид дека Coach е B2B продукт и е најефикасен за големи компании од неколку стотици па сè до илјадници вработени, таквите компании имаат одредени очекувања околу нивото на квалитетот на продуктите кои ги користат. Затоа, голем предизвик беше да го најдеме балансот помеѓу од една страна “совршенството до детаљ” кое тие би го очекувале и од друга страна – она што треба брзо да се изведе во една првична верзија од продукт, односно Minimum Viable Product (MVP).

Дизајнот мора да биде чист, минималистички, корпоративен, да не пречи на постоечкиот бренд на клиентот; корисничкото искуство да биде интуитивно, игрите да бидат доволно забавни за играње а сепак со нив да се учи, а продуктот да нуди доволно функционалности за да им овозможи на овие корпоративни гиганти лесно да го вметнат Coach во употреба. Таа равенка не е воопшто лесна да се реши!

За таа цел спроведовме голем број интервјуа со потенцијални корисници од индустријата, кои ни укажаа што е потребно. Многу е важно да се одберат правилните функционалности и тие одлуки да бидат донесени според потребите на потенцијалните корисници. Едно од побарувањата кое го имаа скоро сите беше out-of-the-box интеграција на Coach со постоечките LMS системи (Learning Management System) кои ги користат – функционалност која не ни беше оригинално во планот на развој, но го овозможивме тоа. Понатаму, при процесот на претпродажба се покажа дека токму тоа им беше прво и најважно прашање на потенцијалните клиенти.

Калина: Искрено, секој ден носи нови предизвици, но – веројатно во тоа е забавата при градење стартап.  На почеток имавме предизвици со технологијата – која е правилната комбинација на програмски јазици, понатаму, главно прашање беше како да се стапи во контакт со таргет групата – големи компании во САД и Европа додека ние сме во нашата држава, следни беа предизвиците со финансирањето, а предвидуваме дека следни ќе бидат предизвиците со зголемувањето на тимот и базата на клиенти. Сепак, најважно е дека искуствата и научените лекции од секој решен предизвик нè носат поблиску до целта.

Во која фаза е продуктот сега во моментов?

Калина: Мобилната апликација е развиена за iOS и Андроид, со 8 различни игри кои помагаат при совладување на различни типови содржини. Администрацискиот панел е во последните недели од развојот за оваа верзија.

Во моментов работиме на пилот проекти со домашни компании и сме во преговори за имплементирање на Coach кај компании од Америка, Велика Британија и повеќе компании од локалниот и регионалниот пазар.

Бидејќи методологиите кои ги користиме во Coach за зацврстување на знаењата се научно докажани (spaced repetition, microlearing, adaptive learning) добивме и еден вид на академско признание со тоа што бевме поканети да држиме гостинско предавање за Coach на San Diego State University по предметот Emerging Technologies in Learning & Development пред студенти на магистерски студии кои учат да станат дизајнери на едукативни содржини.

Соработката со вакви универзитети, каде се образува следната генерација на дизајнери на едукативни содржини за нас е од огромно значење затоа што токму тие претставуваат потенцијални корисници на Coach во делот за креирање на потребните содржини преку администрацискиот панел. Огромниот ентузијазам кој го изразија дизајнерите на едукативни содржини за користење на Coach ни даде уште поголема мотивација и “ветер во нашите едра”.

Опишете го искуството со ХФактор акцелераторот и за што конкретно ќе ги искористите парите од инвестицијата?

Александар: Последниот инвестициски циклус на ХФактор Акцелератор се одвиваше во 3 фази – претселекција, селекција, и Демо Ден по кој следуваа преговори со избраните стартапи. Искуството со нив ни е многу позитивно, а освен финансиската поддршка, веднаш започнавме со конструктивна работа – стратегии, планирање, бизнис развој, вмрежување и други активности. Таквиот тип на поддршка многу често вреди и повеќе, особено за нас.

Калина: Со помош на инвестицијата ќе го пласираме Coach на пазарот, ќе го зајакнеме маркетинг одделот со нови колеги и ќе ги засилиме продажбата и маркетинг активностите.

Што допрва треба да следи во развојот и пробивањето на апликацијата на светскиот пазар? Кои ќе бидат вашите клучни целни групи?

Калина: Во следните фази имаме испланирано револуционерни функционалности за автоматизирано креирање на содржини со помош на вештачка интелигенција, што за нашите клиенти ќе го забрза процесот на креирање на обуки за повеќе од 20 пати. Нека биде ова најава, во следна прилика со повеќе информации.

Главна цел за нас во наредниот период е од пилот проектите да склопиме успешни case studies, кои се клучни во B2B светот, за да можеме да почнеме продажба со полна пареа. Ги поканувам компаниите кои сè уште не ги користат придобивките на персонализираното микро-учење, да го разгледаат нашиот сајт: www.getcoach.app и слободно да нè контактираат за вклучување кон пилот програмите.

Како ја оценувате моменталната фаза на развој на домашниот стартап екосистем? Каде сме напреднале најмногу, а каде имаме уште доста работа, односно кои работи најмногу фалат во тој екосистем?

Калина: Би рекла дека нашиот стартап екосистем е во рана фаза на развој, но покажува потенцијал. Има раздвижување на повеќе полиња, но за нас како мала земја и економија во развој клучно е вмрежувањето со другите екосистеми на поразвиените земји. Треба да црпиме знаење, експертиза, да отвораме што повеќе канали на комуникација за основачите да можат да стапат во контакт со експерти и инвеститори од странство. На национално ниво, мора да се раздвижат и останатите извори за финансирање, особено приватниот сектор – директно или преку програми за корпоративна иновативност, но на кои навистина ќе им се даде простор да се имплементираат.

Tags: No tags