X Фактор Акцелератор од Велес и Преда Плус од Битола го организираат првиот онлајн Демо Ден во земјава!

За прв пат во земјава, на 28.04.2020 година (вторник) ќе се одржи Демо Ден во онлајн – формат, како финален настан на заедничката пред – акцелераторска програма на X Фактор Акцелератор од Велес и Преда Плус од Битола.

На овој уникатен настан своите бизнис – идеи ќе ги презентираат 9 тимови, селектирани во конкуренција на 20 претприемачи, кои успешно ја завршија интензивната шестднеделна тренинг и менторска програма. Во рамки на програмата, со експертска поддршка на тренерите обезбедени од страна на X Фактор Акцелератор, учесниците ги доразвија своите бизнис – модели, во сите најважни аспекти за успешно стартување и водење на бизнисот.

Инаку, за учество во оваа програма се пријавија повеќе од 40 апликатни, на повикот кој беше објавен на првиот нетворкинг евент од отворен тип “И од Велес се може”, како продолжение на уникатниот проект “И од Битола се може (и)”. Овој инспиративен настан се одржа на крајот на минатата година во кафе – бар Страда во Велес, и на истиот младите велешани имаа прилика да слушнат три исклучително мотивирачки претприемачки приказни.

„Сите поканети посетители ќе имаат можност да слушнат иновативни бизнис – идеи од исклучително мотивирани поединци и тимови, преку директен линк кој претходно ќе им биде испратен по електронски пат. Притоа, сакаме да го потенцираме и фактот дека настанот ќе биде реализиран со помош на платформата за онлајн – конференции на македонскиот стартап Vidict, што  претставува поддршка на домашната стартап – сцена во овие кризни времиња”, објаснија за Иновативност претставници на X Фактор Акцелератор.

На Демо Денот во вторник идеите ќе бидат презентирани пред затворен круг од инвеститори, претставници на јавен и приватен сектор, академија и релевантни чинители на стартап – заедницата. Најдобро оценетите стартап – тимови ќе имаат можност да бидат финансирани од страна на X Фактор Акцелератор, во рамки на проектот кој се реализира со ФИТР, во партнерство со Светска банка.

Tags: No tags