ИГОР АНДРЕЕВ: МИНАТАТА БЕШЕ „ГОДИНА НА АКЦЕЛЕРАТОРИТЕ“ НА МАКЕДОНСКАТА СТАРТАП СЦЕНА

Игор Андреев – ко-сопственик на Х Фактор Акецелератор, Велес.

Зад нас е 2021 година. Година во која се случи силен импулс во развојот на македонскиот стартап екосистем. И покрај здравствената и економска криза, која сѐ уште трае. Година во која под покровителство на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Стартап Македонија се организираше првиот Национален стартап самит и се креираше Национален стартап совет. Година во која повторно се реализираа огромен број настани во рамките на Глобалната недела на претприемништво, а сѐ засили вклученоста и на банките и големите корпорации како активни чинители на стартап сцената. Конечно, зад нас е година во која сѐ повеќе слушаме за инвестиции во наши стартап тимови со глобален потенцијал за раст, па сите се израдувавме на веста за тројцата македонски студенти кои добија инвестиција од половина милион долари за развој на Howitzer-алатката за директен маркетинг на Reddit

Всушност, сите случувања во кризната 2021 година, само го потврдија правилото дека „Секоја криза е огромна можност“ во која, „Наместо да се кријат од силните ветришта, претприемачите градат ветерници“. Дека новото време креира огромни шанси, и тоа за глобален успех. Тоа го препознаа голем број млади македонски претприемачи од новата генерација, на кои со сѐ поразвиената инфраструктура за поддршка значително им се зголемуваат шансите за успех во светски рамки.

Кога сме кај инфраструктурата, посебно вредна за истакнување е потврдата на клучната улога која за развојот на стартап екосистемот ја имаа акцелераторските програми реализирани од трите акцелератори во државата, поддржани од ФИТР преку Светска Банка. При тоа, како еден од основачите на првиот и единствен акцелератор надвор од главниот град, со задоволство можам да констатирам дека 2021 година беше исклучително успешна година и за X Фактор Акцелератор.

Имено, во изминатата година имавме трет повик за инвестиции на кој во конкуренција на повеќе од 50 апликанти, беа селектирани 12 стартап тимови за влез во пред-акцелераторската програма која финишираше со третиот Демо Ден. Од нив, Комитетот за одобрување инвестиции донесе Одлука за инвестирање во три стартапи, при што со два од нив преговорите финишираа до крајот на годината, а со третиот се очекува потпишувањето на Договорот да се случи наскоро. Со тоа, ние како акцелератор креиравме инвестициско портфолио од 5 (пет) стартапи со вкупен износ на инвестиции од 480.000 евра, со што во целост ги остваривме целите кои ги поставивме кога го стартувавме проектот на 15.12.2018 година.

Во однос на дејноста ние се одлучивме да инвестираме нѐ само во ИТ решенија, туку и во иновативни производи во сите останати традиционални индустрии (пр.: прехрамбена, текстилна и сл.) поддржувајќи го развојот на глобално атрактивни продукти со додадена вредност. Така, во нашето портфолио покрај првите две инвестиции во стартапот Матриошка (https://www.the-matryoshka.com/) за комерцијализација на сладоледот од вино Wice (скратено од Wine Ice-Cream) и во иновативното софтверско решение за 3D мапирање во реално време (Dynamix Mapper) на тимот на Vision Dynamix (https://www.visiondynamix.com/mk/), во 2021 година ги објавивме и двете нови инвестиции во стартап тимовите на:

  1. Brummell (https://ridebrummell.com/) – компанија позади првото сако наменето за мотоциклисти која ќе пружи максимална сигурност и заштита на возачот, а во исто време и елегантен изглед и
  2. Концептива Дигитал – македонски стартап со визија да го револуционизира пристапот кон учењето со помош на најновите технологии. Инвестицијата е за комерцијализација на иновативната платформа за обуки Coach (https://getcoach.app/), со која преку сет од интерактивни игри спакувани во мобилна апликација се овозможува обуките наместо еднократен настан, да прераснат во континуиран процес на повторување и подобрување.

Плановите за понатамошен раст на X Фактор Акцелераторот во 2022 година

Активно следејќи ги сите случувања во домашното и регионално стартап опкружување, нашите амбиции се да ја задржиме и зацврстиме стекнатата позиција на еден од најактивните бизнис акцелератори во државата, за што бевме номинирани и за Best Accelerator Program во рамките на Central European Startup Awards за 2021 година. При тоа, најголемиот фокус во следната година ќе го ставиме на поддршка на растот на постоечкото портфолио од стартапи во кои инвестиравме. За таа цел ќе ги искористиме сите досега изградени партнерства и мрежи од соработници, како и огромното бизнис искуство на тимот акумулирано низ годините. Искрено веруваме дека со заеднички сили со стартап тимовите, во 2022 година ќе направиме сериозен скок во глобалната експанзија и препознатливост на фирмите, со што ќе се зголеми нивната атрактивност и подготвеност и за следни рунди на инвестиции.

Видливоста и резултатите на стартапите од нашето портфолио, очекуваме да придонесат за дополнително зацврстување на имиџот на акцелераторот кај инвестициската јавност. Тоа, во крајна линија се надеваме дека ќе не донесе до ситуација на полесно привлекување средства за инвестиции во нова група стартап тимови. Во тој контекст, веќе се започнати разговори за можно стратегиско партнерство со потенцијални бизнис ангели, а планираме да иницираме средби и со останати институционални чинители (акцелератори, хабови, Друштва за управување со приватни инвестициски фондови и сл.) кои делуваат во регионот на Западен Балкан за да ги разгледаме опциите за можна соработка. При тоа, со оглед на постигнатите проектни резултати и одличната соработка со ФИТР и Светска Банка во претходниот период, се надеваме на нејзино зајакнување преку новиот повик за поддршка на акцелератори кој се најавува за во првата половина на 2022 година.

Стекнатото know-how во изминатиот тригодишен период ќе се обидеме да го искористиме и со докомплетирање на понудата преку стартување и на првиот иновациски хаб во Вардарскиот плански регион. За таа цел, веќе подолго време сме во преговори со докажани ИТ професионалци од Велес, како и со останати потенцијални партнери и поддржувачи во реализацијата на оваа идеја. Сигурни сме дека со нејзината имплементација ќе се случи нов, развоен импулс кон промоција и поддршка на иновативната претприемачка култура во сите општини од регионот. Тоа, ќе доведе до поттикнување и на корпорациските иновации, а ќе ги стимулира дигитализацијата и иновациите и во јавниот сектор со што ќе се зајакне регионалната економија и зголемат шансите за задржување на младите во регионот. 

Всушност, сите ние во тимот, искрено веруваме дека иднината е во стартапите, иновациите и развојот на претприемачка култура кај населението, уште од најмала возраст, а Република Северна Македонија е на добар пат да стане стартап хаб во регионот. Дека потенцијалот на новата генерација млади македонски претприемачи е огромен. Сигурни сме дека за скоро време ќе имаме повеќе успешни стартап приказни по примерот на хрватскиот Мате Римац, со кои сите ќе се гордееме.

Сосема на крај, би сакал во име на целиот тим на X Фактор Акцелератор да изразам огромна благодарност на тимот на Капитал за континуираната поддршка во целиот период од стартувањето со работа до денес. При тоа, и на Вашиот тим, како и на Вашата лојална публика Ви ги честитам новогодишните и божиќни празници со желби за здравје и исполнување на сите цели во 2022 година.

Линк од колумната на Д-р Игор Андреев во најновото издание на бизнис магазинот Капитал – https://kapital.mk/%d0%b8%d0%b3%d0%be%d1%80-%d0%b0%d0%bd…/

Tags: No tags

Comments are closed.