Интервју со Милан Димитриевски за новата Инвестициска програма на Х Фактор Акцелератор

X Factor Accelerator ја отвори новата Инвестициска програма и инвестиции до 100.000 Евра во стартап фирми. Покрај моменталната ситуација со Ковид-19 кризата, дали мислите дека тоа ќе има влијание врз храброста за започнување нов бизнис или напротив, ќе поттикне нови иновативни решенија?

“Секоја криза е и нова можност”. Сметам дека овој период е доста поволен за размислување и поттик за нови, иновативни решенија. Наместо компаниите да го губат своето драгоцено време на песимистички погледи кон иднината, ова е добар период да почнат да анализираат и да се подготват за навраќање кон сите можни деловни активности и идеи кои останале нереализирани. 

Оваа година и покрај предизвиците на корона кризата – X Фактор Акцелератор продолжува да креира средина која го стимулира и поттикнува развојот на новите бизниси преку поддршка на растот за регионална/глобална експанзија. 

Какво беше искуството од претходните акселераторски програми, дали очекувате поголем број на пријавени оваа година?

Веќе со самата најава за почетокот на Акцелераторската програма добивме значаен број на квалитетни апликации. Со оглед на успехот од минатата година оваа година очекуваме поголем број на бизниси кои ќе аплицираат со иновативни идеи. Во однос на искуството од минатата година, горди сме на успехот на двете исклучително атрактивни и иновативни бизнис – идеи, за кои сме убедени дека со заеднички сили (во синергија со основачите), ќе направиме да имаат глобален успех. 

Првиот стартап е во прехрамбената индустрија, чиј тим преку развој на два иновативни технолошки процеси креираше два уникатни производи во светски рамки и тоа: сладолед од вино со варијација од 5% до 13.5% вински алкохол (по желба), што има еквивалентен ефект на конзумирање една чаша вино и природен адитив од комиње за разни производи во прехрамбената индустрија. Тој првично ќе се додаде во основната смеса на сладоледот како засладувач, со што покрај збогатувањето со антиоксиданси, сладоледот ќе добие и природна боја и зголемен рок на траење, што крајно доведува 40% пониски калории од обичниот сладолед и претставува револуционерна идеја во двете индустрии.

За сладоледот од вино е креиран MVP и по набавката на машините следува производство и комерцијализација за што веќе е креирана првична „Go to market“ глобална стратегија, додека природниот адитив од комиње е чекор поназад, со креиран прототип кој сѐ уште се тестира во лабораторија.

Вториот стартап е во ИТ – секторот. Формиран е како спин – оф компанија на ФЕИТ – Скопје, при што нивниот производ е конкурентен и во споредба со оние кои се развиваат од страна на директните светски конкуренти од Силиконската долина. Станува збор за софтверска платформа (Dynamix Mapper) која создава 3Д мапи со голема прецизност, користејќи state of the art алгоритам за симултана локализација и мапирање (SLAM), спротивно на постоечките и застарени фотограметриски техники. Покрај прецизноста, уникатната конкурентска предност на ова иновативно решение произлегува пред сѐ од брзината, со оглед на фактот што целиот систем е за 20 пати побрз од конкурентските.

Софтверот може да се користи во индустрии за кои е потребно 3D мапирање, како геодезијата и градежната индустрија, при што во кастомизирана варијаната веќе почнаа да го употребуваат домашни геодетски компании. Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е за реална 3Д реконструкција на сообраќајни несреќи, со сите просторни димензии на местото на настанот. Сепак, најголемиот потенцијал на производот произлегува од фактот што и возилата со автономна навигација имаат потреба од овие решенија, за да можат во реално време и динамичка состојба да создаваат слика во 3Д формат за околината во која се движат. Развојот на софтверот е во напредна фаза, веќе се користи од страна на првите клиенти, а паралелно со неговото доусовршување се работи и на имплементирање соодветна маркетиншка стратегија за влез и комерцијализација на глобалниот пазар.

Покрај иновативноста на производите и огромниот потенцијал за раст во светски рамки, заедничко за двата стартапи е тоа што се основани од силно мотивирани поединци со амбиција за глобален успех.

Каква ќе биде улогата на X Factor Accelerator во програмата? Кои се придобивките на пријавените и на кој начин ќе бидат менторирани?

Улогата на X Фактор Акцелераторот има за цел да ги донесе компаниите што побрзо до инвестиција и нови пазари. За таа цел X Фактор Акцелератор ќе започне со преговори за инвестирање и менторска поддршка со 5 до 10 од аплицираните компании. Дел од придобивките на пријавените се специјализирана менторска програма спроведена од нашиот тим, како и од искусни ментори од партнерските организации: ФИТР, World Bank, SwissEP, Startup Macedonia, Senior Experts Program. Покрај експертската помош, акцент ќе ставиме на валидација на постоечките решенија и бизнис модели за пристап до локалните и интернационалните пазари со искусните тимови на нашите корпоративни партнери како Oracle for startups и други локални и глобални корпорации. Техничка поддршка за компаниите преку унапредување на нивната маркетинг стратегија, дигитално присуство и развој на бренд со тимот на Monday дигитална агенција, дополнителен развој и/или валидација на софтверски решенија со екпертска поддршка на ИТ професионалци од SkillUp Academy и пристап до нови пазари преку 36 Chambers. Најважниот ресурс кој го добиваат стартапите за време на програмата, освен финансииите е целокупната поддршка за вмрежување и зголемување на видливоста на бизнисите.

Дополнително – акцелераторот овозможува размена на знаења и искуства помеѓу самите претприемачи, од каде што има огромен потенцијал за произлегување на голем број нови партнерства.

Од вашето досегашно искуство, што е најважно за еден стартап да биде успешен?

Тимската работа, практичните бизнис-искуства на тимот, огромната посветеност и силната желба за постигнување реални успеси и раст на глобално ниво, би ги издвоил како клучни фактори за еден стартап да биде успешен. 

Секако тука се и иновативноста на продуктот како и потенцијалот за раст на глобално ниво, што е неизбежно и за квалификација на бизнисот во акцелераторската програма. 

Tags: No tags

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *