Инвестиции

Од стартување со работа во декември 2018 година, заклучно со крајот на 2021 година, се реализираа 3 инвестициски циклуси, низ кои во конкуренција на повеќе од 150 апликанти, преку 3 пред акцелераторски програми се ментoрираа 52 стaртап тимови. Од нив на трите Демо Денови, се презентираа 29 бизнис идеи пред Комитетот за одобрување инвестиции и целната јавност.

Крајно, согласно претходно утврдените критериуми, членовите на Комитетот преку детална дланбинска анализа на сите бизнис – идеи, донесоа одлука за инвестирање во 4 најатрактивни стартапи, за кои се процени дека имаат огромен потенцијал за брз раст на глобално ниво.

На тој начин, Х Фактор Акцелератор се одвои како прв, од трите акцелератори поддржани од ФИТР преку Светска банка, кој објави четири инвестиции во износ од 400.000 евра, во стартап тимовите на Матриошка, Vision Dynamix, Брамел и Концептива. 

Матриошка претставува стартап компанија со визија и мисија да развива прехрамбени технолошки процеси и со нивна примена да создава иновативни производи во прехрамбената индустрија.

Во моментот, тимот на Матриошка преку два иновативни технолошки процеси има креирано два уникатни производи во светски рамки и тоа:

  • Сладолед од вино со варијација од 5% до 13.5% вински алкохол (по желба, во чашка од 150 мл.), што има еквивалентен ефект на конзумирање една чаша вино и
  • Природен адитив од комиње, како финален производ или суровина за разни други производи во прехрамбената индустрија.

Уникатноста на сладоледот од вино како производ е што ги комбинира и двата технолошки процеси. Имено, со додавање на адитивот како засладувач, сладоледот се збогатува со антиоксиданси, при што се добива природна боја и зголемен рок на траење, што крајно доведува до 40% пониски калории од обичниот сладолед, претставувајќи револуционерна идеја во двете индустрии.

Со овој уникатен производ, за кој во моментот и не постои директна конкуренција на глобалниот пазар, ќе се развие нова ситуација на конзумирање на виното, но ќе се наруши и традиционалната индустрија на сладолед. Според предвидувањата на ЕВРОСТАТ, двете индустрии ќе растат со експоненцијална крива до 2025 година.

Vision Dynamix e формирана како спин – оф компанија на ФЕИТ – Скопје, при што нивниот производ е конкурентен и во споредба со оние кои се развиваат од страна на директните светски конкуренти од Силиконската долина.

Станува збор за софтверска платформа (Dynamix Mapper) која создава 3Д мапи со голема прецизност, користејќи state of the art алгоритам за симултана локализација и мапирање (SLAM), спротивно на постоечките и застарени фотограметриски техники. Покрај прецизноста, уникатната конкурентска предност на ова иновативно решение произлегува пред сѐ од брзината, со оглед на фактот што целиот систем е за 20 пати побрз од конкурентските.

Платформата може да се користи во индустрии за кои е потребно 3D мапирање, како геодезијата и градежната индустрија, при што во кастомизирана варијаната веќе почнаа да го употребуваат домашни геодетски компании. Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е за реална 3Д реконструкција на сообраќајни несреќи, со сите просторни димензии на местото на настанот. Сепак, најголемиот потенцијал на производот произлегува од фактот што и возилата со автономна навигација имаат потреба од овие решенија, за да можат во реално време и динамичка состојба да создаваат слика во 3Д формат за околината во која се движат.

Развојот на софтверот е во напредна фаза, веќе се користи од страна на првите клиенти, а паралелно со неговото доусовршување, се интензивира и имплементацијата на соодветна маркетиншка стратегија за влез и комерцијализација на глобалниот пазар.

Brummell е првото моторџиско сако во светот.

Визијата на тимот е да направи опрема за мотоциклисти која ќе пружи максимална сигурност и заштита на возачот, а во исто време и елегантен изглед, фокусот е на изгледот, заштитата и удобноста при возење.

Сакото е совршено дизајнирано парче опрема, кое изгледа како сако однадвор, а одвнатре ја има потребната заштита и перформанси на моторџиска јакна. Оваа високо иновативна заштитна опрема го задоволува и деловниот изглед и заштитата, истовремено обезбедувајќи целосна удобност при возењето.

Кога станува збор за комфорот, сакото има посебни фалти на рамената за максимална удобност при возење на различни типови на мотоцикли, а сите материјали содржат еластин за дополнителна удобност. Инкорпоран е и посебен систем за вентилација со цел одржување на пријатна температура при возење.

Сакото има посебен безбедносен систем за закопчување како и околувратник кој се вади, и го покрива пределот околу вратот и градниот кош на возачот со цел да го заштити од хипотермија.

За да го постигне тој елегантен надворешен изглед, Brummell користи врвни материјали што може да се најдат кај модерните сакоа од висока класа, со бои кои вклучуваат црна и карирана варијанта.

Brummell сакото е изработено со премиум швајцарски заштитен материјал schoeller®-keprotec, кој содржи DuPont TM Kevlar® арамидни влакна. Затоа, сакото е високоотпорно на абразија, што значи дека при незгода и лизгање на асфалт тоа нема да се искине со цел да се заштити кожата на мотоциклистот. Уште повеќе, инкорпорирани се CE Level 2 штитници за рамена, лакти и грб, со највисоко ниво на заштита заштитувајќи го возачот од фрактури и несакани повреди.

Coach е првиот продукт на тимот на Концептива Дигитал – македонски стартап кој има визија да го револуционизира пристапот кон учењето со помош на најновите технологии.

Идејата за иновацијата доаѓа од реални проблеми идентификувани од страна на тимот низ работата на проекти со големи мултинационални компании. Фирмите многу вложуваат во обуки на своите вработени, но 70% од стекнатите знаења се забораваат за само две недели, без свесност за тоа, сè додека не се направи тестирање.

При тоа, за повеќето вработени процесот на обука за некоја материја е еднократен. Тие го поминуваат материјалот на семинар или преку e learning курс, прават некаков вид на тест – и тука е крајот. Бидејќи никој подоцна не знае колку од изученото останало во меморијата на вработените, а што избледнело, се јавуваат празнини во знаењата кои ги намалуваат перформансите во работењето на компаниите во сите сегменти.

Токму за решавање на овие проблеми се грижи Coach. Овозможува тренинзите наместо еднократни настани, да прераснат во континуиран процес на подобрување. Според статистиката за степенот на знаење на секој вработен, менаџментот има детален увид во неговите слаби точки, по што многу лесно управува со содржините во апликацијата, а самиот алгоритам на Coach се грижи индивидуалните знаења во тие области да се подобрат.