Преку X Фактор Акцелератор до инвестиција од 100.000 евра – интервју со Душко Муртовски од Vision Dynamix

Vision Dynamix е софтверска компанија формирана со цел за развој на платформа за 3Д мапирање во реално време. Компанијата беше дел од програмата на X Factor Accelerator и беше изберена како исклучително атрактивна и иновативна бизнис – идеја која доби инвестиција од 100.000 евра.

Како започна стартап приказната на Vision Dynamix? Бевте дел од програмата на X Factor Accelerator и сте еден од стартапите кои добија инвестиција. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Нашата стартап приказна започна со изработка на мојата магистерска работа од областа на 3Д моделирање на Факултетот за електротехника и информациски технологии, под менторство на проф. Миле Станковски. Тогаш видовме дека оваа работа има потенцијал да се развие во комерцијален производ и решивме да основаме стартап компанија која ја нарековме Vision Dynamix. Набрзо потоа добивме грант од Фондот за иновации и со тие средства го започнавме развојот на алгоритамот кој не доведе до нашиот финален производ. После одредено време нашата идеја и работа ја препозна инвеститор од Холандија кој вложи одредени средства за да продолжи развојот на нашиот производ. Меѓутоа, сложеноста на алгоритмите на кои почиваше бараше многу повеќе труд и работата на развојот мораше да продолжи, за кое требаше да се пронајдат дополнителни средства. Во тоа време се појави X Factor Accelerator-от со своите програми, ние ја видовме нивната посветеност и го прифативме предизвикот да влеземе во нивната програма за поддршка на стартап компании.

Какво беше вашето искуство со акцелераторот? Кои се вашите совети за оние кои што сакаат да аплицираат за една ваква инвестициска програма?

Уште од првите средби со луѓето од X Factor видовме дека може да соработуваме и да добиеме партнер во нашиот развој. Добивме совети за да го подобриме нашиот бизнис, иако ние веќе бевме во поодмината фаза на развој. Мислам дека ваквата програма е многу полезна за стартап компании кои веќе ја имаат поминато почетната фаза. Мој совет до стартапите кои имаат добри бизнис идеи е да аплицираат за вакви програми, каде уште еднаш нивната идеја ќе биде проверена и ако биде потврдена може да добијат средства за да ја дореализираат. Луѓето од X Factor Accelerator заедно со нивните консултанти кои се на високо професионално и стручно ниво може да ја проценат идејата на компанијата, со соодветни совети да ја унапредат и да и дадат соодветен тек во развојот до конечен производ. Ги советуваме младите стартапи да аплицираат во програмите за поддршка кои ги нуди X Factor Accelerator-от.

Од каде идејата за вакво креативно решение да се претвори во бизнис?

Уште при изработка и докажување на научните алгоритми на кои почива нашиот производ бевме свесни дека ова е одлична бизнис идеја. Друга битна работа е дека имавме индустриско искуство кое ни помогна пореално да ги просудиме бизнис потенцијалите на нашата идеја.

Со какви предизвици се соочувате како млада стартап компанија на македонската бизнис сцена?

На патот од идеја до конечен производ спремен за пазар има повеќе предизвици кои еден стартап мора да ги совлада. Во нашиот случај имавме неколку предизвици кои и покрај нашето индустриско искуство и нашето научноистражувачко знаење, моравме да ги совладаме. Во прв ред се финансиските средства кои беа потребни за развојот на производот, кои досега успешно ги совладавме, вложувајќи сопствени средства, вложувајќи огромна работа, средствата од Фондот за иновации и технолошки рaзвој и на крај средствата од X Factor Accelerator-от.
Последниот предизвик кој го имаме во моментот е да пристапиме на пазарот со нашиот производ. За пристап на пазарот треба особено специјализирано знаење, имајќи ја во предвид специфичноста на производот. X Factor Accelerator во овој момент ни помага со одредени совети од нивните луѓе и некои од нивните консултанти.

Кои се идните планови на Vision Dynamix и каде ја гледате вашата компанија за неколку години од сега?

Иднината на Vision Dynamix е во прв ред да го пласираме производот на пазарот и да продолжиме да развиваме нови производи кои ќе базираат на основниот производ, кој го развивме во изминатиот предизвик.
Очекуваме Vision Dynamix да се етаблира на пазарот на производи за 3Д моделирање и пазарот за автономни возила како озбилна компанија чиј приход континуирано ќе расте, а со тоа и компанијата да прерасне во етаблирана озбилна компанија на светско ниво.

Овогодинешниот повик сеуште трае и вашите апликации ги очекуваме до 15ти Март 2021 година преку веб страната на Х Фактор Акцелератор: http://xfacc.mk/

Одговорно лице за контакт: Јозефина Симитчиева 078 377 504

Tags: No tags