Преку X Фактор Акцелератор до инвестиција од 100.000 евра – интервју со Софија Дацева од Матриошка

Вие бевте дел од програмата на X Factor Accelerator и сте еден од двата стартапи кои добија инвестиција. Кажете ни нешто повеќе за вашата компанија.

Матриошка претставува старт-ап компанија која специјализира во развој на иновативни технолошки процеси во прехранбената индустрија, кои ќе имаат додадена вредност за таргетираните клиенти и позитивно влијание врз животната средина. Во моментот, компанијата има развиено два иновативни технолошки процеси и тоа: покачување на точка на мрзнење на алкохол од -30°С на 0°С и примена на оваа технологија во прехранбена индустрија; и технолошки процес за екстракција на пеноли, антиоксиданти, растителни влакна и витамини од комиње и нивна примена за изработка на различни суплементи во прехранбената индустрија.

Иако Матриошка паралелно работи на повеќе проекти, единствениот проект кој ги комбинира двата технолошки процеси во еден уникатен производ, претставува сладоледот од вино. Овој производ нуди бизнис можност и потенцијал за иновација во две индустрии, вино и сладолед, на начин што ќе се развие нов метод на конзумирање на вино, како и ќе се наруши традиционалната индустрија на сладолед. Компанијата доби инвестиција од страна на X-Фактор Акцелераторот во 2020 година и со негова помош денес успеа да изгради сопствена фабрика со целосно автоматизирана линија за производство на сладолед со вино, како и да усоврши два видови на вински сладолед вклучувајки: (1) мерлот, чоколадо и вишна и (2) ризлинг, ванила и малина. Компанијата очекува да започне со продажба на сладоледот од вино во 2021 на домашниот пазар и исто така е во фаза на преговори со големи потенцијални клиенти од Обединетото Кралство. Во моментот, не постои друг конкурент на светскиот пазар што има развиено ист производ како сладоледот од вино на Матриошка, каде крајниот резултат претставува едно канче од 200мл сладолед кое ќе има еквивалентен ефект на конзумирање чаша вино.

Какво беше вашето искуство со акселераторот? Дали би го препорачале ваквиот начин за стартување со бизнис?

Целокупното искуство со акцелераторот би го опишала како интензивно, но во исто време и позитивно бидејки беше искуство кое ме натера да излезам надвор од комфорната зона и тоа силно придонесе за брз раст на мојата компанија. Искуството започна со поднесување на кратката апликациска форма која ја превземав од официјалната страна на Х-Фактор Акцелераторот и само неколку дена подоцна веќе бев повикана на разговор и имав можност да ја презентирам мојата идеја пред нивниот тим. Сметам дека и тоа е она што ги прави уникатни – ти ја даваат шансата да се претставиш себе и имаш можност да добиеш мислење од тим од експети од различни области со огромно искуство. После презентацијата ја пополнив и долгата апликациска форма, односно влегов во потесниот круг, по што следуваа и низа на работилници кои беа особено корисни не само за усовршување на апликацијата, туку и за зајакнување на целокупната стратегија за развој и раст на бизнисот. Имено, тие беа многу отворени и несебично го пренесуваа знаењето на секој тим поединечно, што го направи целото искуство многу корисно. 

Мислам дека инвестирањето како начин на собирање средства за компанијата кај нас стана повеќе актуелно од неодамна. Јас лично, би им го препорачала ваквиот начин на собирање капитал на оние компании кои имаат силна визија и мисија за што сакаат да постигнат, како и за цел брзо да растат и да се прошируваат не само на домашниот, туку и на интернационалниот пазар.

Каква беше вашата идеја и визија за ваков стартап и каков беше целиот процес “од идеја до бизнис решение“?

Идејата за производство на сладолед со вино ја добив уште во 2016 година, кога бев последна година на додипломски студии на ХАЛТ Универзитетот во Лондон. Имено, иако идејата за комбинирање на сладолед и вино звучи атрактивно, процесот е многу комплексен. Главната причина е поради разликите во точките на мрзнење на двете состојки. Точката на мрзнење на виното е до -18°С додека точката на мрзнење на сладоледот е 0°С. Така, кога ќе ги комбинираш двете состојки заедно крајниот резултат е или смеса која не е замрзната, или доколку пак истата се стави на многу ниска температура после неколку денови доаѓа до целосна сепарација на виното од сладоледот, на начин на кој истото паѓа на дното. Сепак, во 2016 година се опседнав со идејата да развијам сладолед од вино, главно поради тоа што препознав бизнис можност на пазарот и сметав дека оваа иновација би имала потенцијал да ја наруши традиционалната индустрија на сладолед и да создаде нов начин на конзумирање на вино. Да, постојат компании кои се обиделе да го направат истото, но разликата е што нивниот сладолед со вино има главно вкус и мирис на истото, додека најголем дел од винскиот алкохол е испарен, а кај нас додадената вредност е фактот што го задржуваме во основната смеса на сладолед. Да ја развијам идејата беше многу тешко и посветив две години активности за И&Р, кои главно се одвиваа на Универзитетот Варвик во Обединетото Кралство и во кое беа вклучени многу експерти од различни области. Кон почетокот на 2018 година ние веќе имавме proof of concept и добивме поддршка од Варвик Универзитетот како и Обединетото Кралство во вид на старт-ап виза, со цел да можеме и понатаму да ја развиваме идејата и истата кога ќе се комерцијализира да биде достапна за Британскиот Пазар. Во 2018 година добивме и грант од страна на Фонд за Иновации и Технолошки Развој кои ни помогнаа да го стандардизираме технолошкиот процес како и да го донесеме производот до фаза на пред комерцијализација. Во 2020 година откако имавме готов производ добивме инвестиција од страна на Х-Фактор Акцелераторот со цел да изградиме наша фабрика, да може производството да го правиме сами и се разбира брзо да растеме. Дополнително, имаме отворено и подружница компанија во Обединетото Кралство и компанијата ни е член на уште два акцелератори Business Ready Programme и New Entrepreneurs Foundation и двата лоцирани во Обединетото Кралство. Имено, за да успееме да стигнеме до каде што сме денес, потребно ни беше да се опкружиме со силен тим од искусни експерти, кои континуирано не предизвикуваат да одиме напред. Искрено, доколку го правев ова сама, сметам дека ќе ми требаа уште многу години за да стигнам до каде што сум денес, а земајки во предвид дека живееме во свет на глобализација и константна иновација тоа би претставувало голем ризик, кој после толку труд не би сакала да го превземам.

Во која фаза на развој се наоѓа Матриошка моментално?

Во моментот Матриошка е во финална фаза на валидација на производот, односно процесот на пронаоѓање на product/market fit е скоро завршен и следен чекор претставува влез на пазарот. Бидејки станува збор за компанија која се занимава со производство, а во исто време вклучува и ладен ланец, како и работа со храна, самиот процес за влез на пазарот е многу комплициран и бара многу внимание. Дополнително, земајки го во предвид фактот што компанијата е во фаза на преговори со големи потенцијални клиенти на Британскиот пазар, потребно е и имплементација на соодветни светски признати стандарди. За таа цел, работиме неуморно и внимателно, бидејки сакаме правилно да ги поставиме темелите и цврсто да застанеме на нозе кога ќе влеземе на пазарот.

Со какви предизвици се соочувате како млада компанија на македонската бизнис сцена, дали Ковид-19 кризата имаше влијание врз Мартиошка? 

Како и многу компании не само во Македонија туку и во целиот свет што беа погодени од кризата, така истата не погоди и нас. Имено, нашата стратегија за влез на пазарот беше преку развој на Б2Б стратегија и таргетирање на ХоРеКа (Хотели/Ресторани/Барови) секторот. Сепак, угостителскиот сектор беше еден од најпогодените сектори што допринесе и до одложување на сите пред-договори кои ги имавме и планиравме да ги склучиме и оствариме во текот на 2021 година. Сепак, со помош на Х-Фактор Акцелераторот всушност брзо се адаптиравме на сегашната ситуација и создадовме нова стратегија за влез на домашниот и странскиот пазар. На домашниот пазар очекуваме да влеземе во текот на 2021 година, додека на Британскиот пазар веќе сме во преговори со потенцијални клиенти и очекуваме годинава да склучиме договори за продажба во текот на 2022 година.

Иако КОВИД19 беше еден поинаков предизвик од другите, сепак како старт-ап сме навикнати константно да се соочуваме со пречки и предизвици, како и брзо да пронаоѓаме решение за нивно надминување, бидејки тоа е клучно за успехот на компанијата.

Овогодинешниот повик официјално е започнат и вашите апликации ги очекуваме до 15ти Март 2021 година преку веб страната на Х Фактор Акцелератор: http://xfacc.mk/

Одговорно лице за контакт: Јозефина Симитчиева 078 377 504

Tags: No tags