И ОД ВЕЛЕС СЕ МОЖЕ !!

Се може(и). И од Велес. И од Битола!

Тоа, со своите мотивациски говори го потврдија Благојче, Билјана и Ѓорѓи, зборувајќи за своите успешни приказни.

Јосифоски Благојче ни го раскажа патот од излегување од комфорна зона, работејќи во реномирана голема корпорација, до формирање сопствен ИТ стартап Blasoft Solutions, привлекувајќи во фирмата успешни ИТ кадри од Велес кои претходно работеле во Скопје и Германија. Дополнително, ја промовираше и SkillUp – првата регионална академија за програмирање, дизајн и дигигилен маркетинг, како нова бизнис приказна, која ја започнува со дел од своите партнери.

Билјана Илијева Ванчевска, преку примерот на нејзиниот успешен бизнис Lab Pro Dental – Vrcal зборуваше за предизвиците со кои се соочува како жена, одејќи го храбро и паметно претприемачкиот пат. При тоа, ја потенцираше важноста на континуираниот личен раст на сопственикот на било кој бизнис за раст и развој и на фирмата.

Ѓорѓи Маџаров, го раскажа патот на еден реномиран универзитетски професор до запливување во претприемачки води, со амбиција нивниот стартап Elevate Global или модерната “Баба Ванѓа” (софтвер кој со огромна брзина трансферира голем број податоци во применливо знаење при носење деловни одлуки) наскоро да доживее глобален успех. Особено интересна беше емотивната велешка нота, споменувајќи ја важноста на неговите професори во Велес од основно и средно образование, како и значењето на семејството и занимавањето со спорт од најмала возраст за справување со сите животни предизвици.

Посебно сме среќни што за прв пат, заедно со PREDA Plus Foundation, и во Велес организиравме нетворкинг ивент од отворен тип во прекрасната атмосфера на Strada Caffe.

Огромниот интерес само го потврдува она што го знаевме. Велешани се жедни за нови, иновативни, инспиративни настани.

Продолжуваме…

Tags: No tags